Величковски: Лицата на „црна листа“ живеат слободно во Македонија

Потребата од „нов почеток“ и дистанцирање од старите политички практики е главната причина за формирањето на Движењето за Нова Република, вели неговиот лидер Ивон Величковски, кој најавува сериозни системски реформи.

Говорејќи во „Ноќно студио“, тој потенцира дека политиката во земјава со децении останува заробена поради нерешени прашања и нетранспарентни практики.

„Сето тоа ја врзува политиката и ја држи зачмаена… веќе триесетина години“, оцени Величковски.

Како дел од решенијата, тој најави ветинг-процес кој би опфатил повеќе сегменти од општеството.

„Ќе се изненадиме колку луѓе со многу поголеми приходи има… од каде се тие пари?“, праша тој, алудирајќи на потребата од финансиска проверка.

Според него, клучен чекор е и воведување на проширена конфискација.

„Не може имотот да се крие преку роднини и блиски… па по неколку години повторно да се користи“, истакна лидерот на Нова Република.

Величковски се осврна и на меѓународните механизми за санкции, посочувајќи дека државата треба да ги следи примерите од други земји.

„Сите лица кои се на американските црни листи кај нас живеат слободно“, рече тој.

Како пример ја наведе ситуацијата во Бугарија, каде што санкциите довеле до политички последици.

Тој порача дека без сериозни реформи и расчистување со корупцијата, не може да се очекува вистинска промена во системот.

Погледнете ја целата емисија: