Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ денеска изјави дека се истражува зошто настрешницата на Железничката станица во Нови Сад не била предмет на реконструкција и оти истрагата ќе покаже кој е одговорен за несреќата во која 14 луѓе загинаа.
„Тоа што се случи е предмет на истрага, во тек е увид како паднала настрешницата. И ќе се утврди зошто настрешницата не била дел од планот за реконструкција и кој утврдил дека не е потребно да се реконструира“, рече Весиќ во гостувањето на Радио телевизија на Србија (РТС).
Тој рече дека во проектот за реконструкција учествувале сообраќајниот институт ЦИП, кој го извршил проектот, потоа Железничката инфраструктура на Србија, која е одговорна за станицата и кинеските партнери.
„Идејното решение беше објавено во мај 2020 година, а идејниот проект беше усвоен во август истата година. Самото одобрение за градба е издадено во октомври 2021 година. Во тој процес има и такви кои сами ја оценуваат статиката и даваат предлози кои се предмет на стручна проверка. Врз основа на тоа некој донел одлука настрешницата во конструктивна смисла да не биде предмет на реконструкција“, додаде министерот.
Денеска во Србија е Ден на жалост, прогласен поради смртта на 14 лица кога врз нив паднал покривот на Железничката станица во Нови Сад.
