Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата има стабилно парламентарно мнозинство и најави лидерска средба на коалициските партнери во текот на декември. Тој порача дека владината стабилност не е доведена во прашање, иако лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, најави можен излез на неговата партија од коалицијата доколку не се постигне договор за моделот на полагање на правосудниот испит. Изјавите Мицкоски ги даде по пуштањето во употреба на градинка во Инџиково, пренесе 360 степени.
„Владата се бира со мнозинство од 61 пратеник во парламентот. Ние имаме мнозинство кое е многу повеќе од 61 пратеник, така што Владата е стабилна, односно најстабилна во овој дел на Европа, можеби и пошироко. Продолжуваме да испорачуваме за граѓаните она што е важно, еве како овој објект и друг тип на политики“, рече премиерот, одговарајќи на прашање за стабилноста на коалицијата.
Мицкоски потврди дека разговарал со Димитриевски и најави дека во декември ќе се одржи лидерска средба на ниво на коалициските партнери. За ставовите на ЗНАМ во врска со полагањето на правосудниот испит, премиерот упати тоа прашање да му се постави лично на Димитриевски. Лидерот на ЗНАМ претходно изјави дека партијата ќе ја напушти Владата ако се прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик освен македонскиот.
Во одговор на новинарски прашања, премиерот појасни дека предложеното решение за правосудниот испит, доставено до Венецијанската комисија, предвидува полагање во два дела. Теорискиот дел, кој го опфаќа материјалот од додипломските студии, би можел да се полага на јазикот на кој кандидатот го стекнал високото образование во земјава, доколку е различен од македонскиот, на пример албански, турски или англиски. Вториот дел, во кој се симулираат два судски процеси, кривичен и граѓански, би се полагал на македонски јазик. Според најавите, Владата ќе побара итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел.