Македонија

„Везилка“ – прв центар за вештачка интелигенција во Македонија ќе развие голем јазичен модел на македонски јазик

„Везилка“ – прв центар за вештачка интелигенција во Македонија ќе развие голем јазичен модел на македонски јазик

Македонија го добива првиот центар за вештачка интелигенција – „Везилка“, кој ќе биде промовиран идната недела, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостување на ТВ Телма. Центарот ќе има клучна улога во развојот на македонски јазичен модел и во создавањето домашна дигитална база што ќе обезбеди соодветна застапеност на македонскиот јазик, култура и идентитет во современите технологии.

„Везилка“ е национален проект насочен кон дигитализација на македонскиот јазичен корпус и развој на голем јазичен модел (LLM) на македонски јазик, достапен за институциите, академската заедница, компаниите и граѓаните.

  • Цел: намалување на зависноста од странски алатки кои често не го препознаваат прецизно македонскиот јазичен, историски и културен контекст.
  • Фокус: создавање домашни решенија базирани на вештачка интелигенција во функција на јавниот интерес, образованието, науката, енергетиката, економијата и дигиталната трансформација.

Клучни области на примена

  • Јавна администрација
  • Здравство
  • Земјоделство
  • Култура

Носител на проектот е ФИНКИ, кој воспостави соработка со повеќе релевантни институции:

  • Службен весник
  • Собранието на Република Македонија
  • Националната и универзитетска библиотека
  • МАНУ
  • Институтите за македонски јазик и литература

Преку оваа соработка ќе се обезбеди квалитетна и точна база на податоци, вклучително и закони и подзаконски акти, стручна литература и други релевантни содржини на македонски јазик.

Граѓаните ќе можат да придонесат со прикачување сопствена дигитализирана литература, магистерски, докторски и стручни трудови, со што директно ќе го збогатат македонскиот дигитален јазичен корпус.

Министерството подготвува компактен закон за вештачка интелигенција кој нема да ја ограничува употребата на новите технологии, туку ќе постави јасни етички и морални стандарди, транспарентност и правила за нивна правилна примена.

Буџет и финансирање

  • Вкупна вредност: 6,5 милиони евра
  • Државни средства: 1,5 милион евра
  • Факултети: 1 милион евра
  • Поддршка од Европската Унија: остатокот од средствата

До крајот на оваа или на почетокот на следната година се очекува функционален македонски јазичен модел, кој ќе биде понуден како open-source решение за сите домашни институции и компании.

Со исполнувањето на чекорите во јуни од страна на Министерството за дигитална трансформација се отвораат нови 16,9 милиони евра од Планот за раст. Министерството продолжува посветено да работи на реализација на обврските од реформската агенда со цел обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и институциите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни