Синоќа околу 20 часот и 30 минути во центарот на Смедерево, Србија дошло до експлозија во која најмалку едно лице загина, а две се повредени. Експлозијата се случила во стан на последниот кат од станбена зграда, а според српските медиуми оштетени се дваесетина стана, односно три ката и покривот на зградата.
Kod mene u centru, Smederevo 😭 pic.twitter.com/f5T2WnehVk
— CECA (@Ceca2103) August 31, 2023
Се уште нема официјална причина за експлозијата. Најпрво се шпекулираше дека во станот експлодирала плинска боца, но српски Телеграф и Блиц неофицијално дознаваат дека „експлодирале неколку килограми експлозив“ и дека најверојатно е убиен тој што ја активирал.
Во несреќата се повредени брат и сестра, целата зграда е евакуирана, а во близина на местото на експлозијата спонтано се собрале граѓани. Очевидци за српските медиуми изјавија дека експлозијата се слушнала на десетина километри.
„Почна да паѓа стакло. Се свртев и видов луѓе како излегуваат од зградата. Слушнав вресок. Отидов од стан до стан и прашував дали некому му треба помош? изјави за Блиц П.С. кој спасувал ранети луѓе, а на снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како ги вади соседите од зградата.
Еден од станарите на зградата за Телеграф изјави дека во експлозијата се повредени неговите кучиња. „Едниот се здоби со отворена скршеница на ногата, не знаеме што се случи со другиот, не се помрдна откако се случи се“, вели тој.
