Со брза, навремена и координирана реакција на градските служби спречени се поголеми последици од силното невреме кое попладнево го зафати Скопје, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по првиот бран интервенции на критичните точки во градот.
Екипите на Град Скопје и јавните претпријатија остануваат целосно мобилизирани и ќе дежураат во текот на целата ноќ на сите локации каде што има потреба од поддршка за граѓаните.
„Во постојана координација сме и со колегите градоначалници од скопските општини, како и со сите надлежни институции. Нема простор за паника, но има обврска за брза реакција и целосна посветеност. Скопје и скопјани не се оставени сами. Скопје има луѓе кои се на терен кога е најпотребно“, порача Ѓорѓиевски.
Градските власти претходно соопштија дека се интервенира на повеќе критични точки, пред сè во подвозниците и кружните токови во Бутел, Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода, каде што поради огромното количество воден талог сообраќајот беше во прекин, а имаше и пријави за заглавени возила и поплавени објекти.
Службите апелираат до граѓаните да останат смирени, да возат внимателно и да ги пријавуваат евентуалните штети или поплавени домови до надлежните органи.