(ВИДЕО) Горно Врановци, село со пет музеи и главен град на Македонија во Втората светска војна

Главниот град Скопје има осум музеи, Битола два, а малото сокриено село во подножјето на Јакупица, Горно Врановци има дури пет музеи и еднакво богата историја иако е 200 пати помало од македонската престолнина.

Затскриено во пазувите на висока планина неговата местоположба на село во централна Македонија била клучна да се испише историјата на македонската држава и слободата на македонскиот народ за време на Народноослободителната борба, а Горно Врановци да стане престолнина на општествено-политичкото и военото дејствување во време Втората светска војна.

-Горно Врановци преставува само по себе музеј на отворено. Изборот на ова село за средиште на општествено-политичкото и воено раководство на Народноослободителната борба на Македонија, произлегло од неговата погодна геополитичка положба. Горно Врановци е идеално за музејски туризам, смета директорот на ЛУ Народен Музеј Велес, Ангел Коруновски.

Партизанските одреди од велешко, скопско и прилепско се бореле против моќни, побројни и тешко наоружани окупаторски сили. Но користејќи ја предноста на планинскиот терен кој добро го познавале, релативно брзо создале слободна територија со седиште во Горно Врановци.

 

Слободната територија и целата борба против фашистите се раководела од Горно Врановци. Во селото биле сместени неколку институции кои ја воделе Народноослободителната борба: Президиумот на АСНОМ, Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, Главниот штаб на Народно ослободителната борба (НОБ) и разузнавачката служба ОЗНА.

По завршувањето на војната, институциите биле префрлени во Сопје, а куќите каде што биле сместени овие институции, денес во Горно Врановци се спомен-музеи.

– Денес во куќите се наоѓаат Меморијален музеј Президиум на АСНОМ, Меморијален музеј ЦК КП на Македонија, Меморијален музеј Главен штаб на НОВ и ПО на Македонија, како и Меморијален музеј Партизанска печатница ,, Гоце Делчев” – истакна Коруновски.

Сите музеи изобилуваат со документи, фотографии и артефакти, а музеите се во задоволителна состојба.

– Музеите се во задоволителна состојба. За нив се грижи ЛУ Народен Музеј Велес, нивното одржување е тековно, а има одговорно лице кое е задолжено за нивно одржување. Согласно потребите некогаш има потреба од дополнителна финансиска помош од Министерство за Култура која ја добиваме врз основа на изготвен проект – рече директорот Коруновски.

Музеите мали, поделени се со соби кои содржат стари документи, фотографии, неколку парчиња старо оружје и многу приказни. Од фотографиите може да се забележи дека партизаните носеле различни униформи и различно оружје.

Подалеку од нив, на 300 метри под селото се наоѓа и петтиот музеј, односно печатницата во која бил испечатен првиот број на најстариот весник „Нова Македонија“ на 29 октомври 1944 година. Во овој музеј се наоѓа голема и тешка печатарска машина која партизаните успеале да ја сокријат и да ја пренесат од Скопје до Горно Врановци.
Весникот кој сè на сè имал точно 8 страници излегол во мал тираж, бил дистрибуиран до бригади, штабови и многу здруженија и претставувал прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик.

Весникот кој се уште излегува, ќе прослави 80 години од првиот број. Членови на редакцијата секоја година на 29 октомври го посетуваат музејот по повод годишнината од весникот.

Иако е на само половина час возење од Велес или еден час од Скопје, Горно Врановци како единствено село-музеј во Македонија и чија територија е прогласена за заштитено културно подрачје од Министерството за култура нема туристички потенцијал.

Селото остана без сместувачки капацитети каков што бил хотелот „Врановци“ изграден во 1986 година. Овој хотел две децении ги пречекувал учениците и работниците од велешките јавни претпријатија. Денес ретки се и ученичките екскурзии кои своевремено беа дел од задолжителната годишна програма во основното образование.

Хотелот сега е во сопственост на Општина Чашка, но нема заинтересиран инвеститор кој ќе ја препознае важноста на Горно Врановци за македонската историја.

– Музеите во Горно Врановци се мали, но од огромно значење за општините Чашка, Велес и за целата земја. Порано често имаше екскурзии со цел да се посетат музеите. Екскурзии се поретко се организираат иако мислам дека тоа е многу потребно за правилен развој и едукација на учениците, студентите и општо посетителите, додава директорот на Народниот музеј во Велес.

Автор: Орце Костов
фото и видео: Орце Костов

Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното