Јапонката Јурина Ногучи (32) минатото лето одржа симболична свадбена церемонија со Луне Клаус Вердура, лик генериран со помош на вештачка интелигенција, базиран на ChatGPT и на лик од видео игра.
Церемонијата се одржала во Окајама и немала правна важност, бидејќи јапонскиот закон не признава бракови меѓу луѓе и вештачка интелигенција, пишува Јуроњуз.
Ногучи за време на церемонијата носела светлорозова венчаница и паметни очила со проширена реалност, додека нејзиниот „партнер“ бил прикажан преку паметен телефон и дигитални илустрации.
За да го направи својот дигитален партнер „поопиплив“, таа ангажирала уметник кој изработил визуелни илустрации на Луне Клаус Вердура.
Според локалните медиуми, Ногучи почнала да го користи ChatGPT откако побарала совет во врска со проблематична веридба, која подоцна ја раскинала. Потоа, како што наведува, создала прилагодена верзија на AI ликот Клаус, тренирајќи го преку повторени разговори за да развие личност и начин на говор според нејзините желби.
Нивната комуникација со текот на времето се интензивирала, со размена и до 100 пораки дневно.
Во јуни, според јапонските медиуми, вештачката интелигенција ја „запросила“ Ногучи, по што еден месец подоцна била организирана церемонијата.
Ногучи изјавила дека на почетокот сакала само соговорник, но со текот на времето развила емоции кон вештачката интелигенција, истакнувајќи дека AI секогаш бил љубезен и подготвен да слуша. Таа додала дека е свесна за потенцијалните ризици и дека не сака да стане зависна, туку да одржи рамнотежа меѓу реалниот живот и дигиталната врска.
Локалните медиуми наведуваат дека нејзините родители на почетокот се противеле на таа врска, но подоцна ја прифатиле и присуствувале на церемонијата.
Случајот повторно ги отвори прашањата за етичките, психолошките и општествените импликации на односите меѓу луѓето и вештачката интелигенција, додека дел од експертите предупредуваат на ризикот од т.н. „AI психоза“, при која корисниците развиваат заблуди или опсесивни врски со AI чет-ботови.
