Македонија

ВИДЕО „Ова е трет пожар за една година, деца секој ден играат додека каблите беа „голи“, сведочи станар каде утрово избувна пожар

ВИДЕО „Ова е трет пожар за една година, деца секој ден играат додека каблите беа „голи“, сведочи станар каде утрово избувна пожар

По утринскиот хорор во новата станбена зграда во Кисела Вода, каде станарите со бебиња во раце панично бегаа од пожар и експлозии, екипата на 4news.mk разговараше со жителите. На терен, сликата е загрижувачка, а револтот кај граѓаните расте од час во час.

Полицијата сè уште е на местото на настанот и врши разговори, но станарите бараат одговори од општината и изведувачите.

Траги на неодговорност: „Голи жици“ пред детска игротека

Она што најмногу ги згрозува жителите е фактот дека трагедијата висела во воздух со месеци. На местото каде што избувна пожарот, веднаш пред влезот, затекнавме целосно изгорен електричен ормар и јагленосан велосипед. Веднаш до пеплосаната инсталација се наоѓа детска игротека.

„Ова е трет пожар во истава зграда за само една година! Жиците со денови стоеја „голи“ и незаштитени на отворено, токму тука каде што секој ден играат нашите деца. Пријавувавме во Општина Кисела Вода, доаѓаа инспектори на терен, но сè завршуваше така – само со лист хартија и записник. Никој со прст не мрдна да го реши проблемот трајно“, револтирано сведочат станарите за 4news.mk.

Зградата во моментов е целосно без електрична енергија, а штетата на инсталацијата, на која претходно се изведувале некакви градежни работи, е огромна. Меѓу станарите владее неизвесност и страв дека нормализирањето на состојбата ќе потрае со недели, па дури и цел месец.

„Среќа во несреќа е што пожарот избувна во 5 часот наутро. Да беше преку ден, кога игротеката е полна со деца и кога тука е фреквентно, денес ќе зборувавме за жртви. Бараме итна истрага, лоцирање на кривична одговорност и од изведувачот и од оние кои ги потпишувале записниците без да ја проверат безбедноста“, порачуваат жителите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни