Русија воведе забрана за извоз на дизел како дел од мерки за поддршка на домашниот пазар на горива, откако продолжените украински напади со беспилотни летала врз рафинериите предизвикаа недостиг од бензин и раст на цените, пренесе Телеграф.
Возачите во многу региони се соочуваат со долги редици за снабдување, бидејќи интензивните украински напади врз руската енергетска инфраструктура ги намалија резервите на дизел и бензин.
Заменик-премиерот Александар Новак изјави на владина седница, со која претседаваше претседателот Владимир Путин, дека снабдувањето со гориво останува сложено и дека состојбата на пумпите предизвикува загриженост кај граѓаните. „Денес беше воведена забрана за извоз на дизел, што ќе овозможи зголемување на резервите на домашниот пазар“, рече тој, додавајќи дека Русија ќе започне увоз на горива во текот на јули. Според извори од индустријата, минатата недела Русија веќе почнала да увезува бензин по море од Индија.
Владата соопшти дека забраната за извоз на дизел, која ги опфаќа и производителите на горива, ќе важи до 31 јули. Испораките предвидени со постојни меѓудржавни договори, како оној со Монголија, ќе бидат изземени од ограничувањата.
За време на седницата, Путин изјави дека Украина се обидува да ја нанесе штета на руската економија и да создаде чувство на несигурност во општеството, но нагласи дека тој стремеж е недостижен. Тој додаде дека отпорноста на рускиот енергетски систем е многу висока – меѓу највисоките во светот.
Од друга страна, Украина наведува дека ударите врз објектите за гориво во Русија имаат цел да ја ограничат способноста на Москва да ја води војната и да ја принудат да започне преговори за мир.
Референтните европски маржи на дизелот се искачија на рекордни 60,17 долари за барел по објавувањето на забраната, додека аналитичарите предупредија на понатамошно стегање на понудата на пазарот. „Забраната за извоз на руски дизел дојде речиси во најлош можен момент. Војната во Иран веќе предизвика големи повлекувања на резервите за да се надоместат прекините на снабдувањето од Блискиот Исток, оставајќи ги резервите на дизел многу ниски на клучните пазари“, изјави аналитичарот на Спарта Комодитис, Абишек Кумар. Тој додаде дека Русија и нејзините купувачи сега агресивно ќе се натпреваруваат со Европа за увоз на дизел од други снабдувачи.
Во јуни, Турција и Бразил беа главни купувачи на руски дизел, апсорбирајќи заедно најмалку половина од расположивите пратки, според податоците од транспортот.
Руските извозни пратки на дизел и гасно масло по море значително опаднаа во јуни, намалувајќи се за 39 проценти во однос на претходниот месец – на околу 1,8 милиони метрички тонови, како и за 46 проценти во однос на 3,35 милиони тони во истиот период лани.
Според податоците на Кплер, руските извози на дизел и гасно масло изнесуваа само 214.000 барели дневно во периодот од 1 до 8 јули, наспроти 793.000 барели дневно во целиот јули 2025 и 842.000 барели дневно во јули 2021, пред почетокот на војната во Украина.
Покрај главните купувачи, како увозници на пратки со руски дизел во јуни се појавија и Мароко, Египет и Сенегал, покажуваат транспортните податоци.