ВИДЕО Вокар Ахмед го разоружа напаѓачот во Сиднеј. „Ранет е, ќе биде опериран“

Цивилот кој физички совладал и разоружал еден од напаѓачите за време на пукањето на плажата Бонди во Сиднеј е идентификуван како 43-годишниот Ахмед ал Ахмед, сопственик на продавница за овошје од предградието Сатерленд.

Како што потврди news.com.au, Ахмед ал Ахмед, татко на две деца, бил сериозно повреден додека се обидувал да го запре напаѓачот. Неговиот братучед Мустафа изјави за 7News дека Ахмед бил погоден со два куршума за време на интервенцијата.

„Тој е во болница и не знаеме точно каква е неговата состојба внатре. Се надеваме дека ќе биде добро. Тој е херој, сто проценти“, рече Мустафа.

Според достапните информации, се очекува Ахмед да биде опериран. Се вели дека немал искуство со огнено оружје и дека се нашол во близина во времето на нападот, но решил да реагира.

Снимките што кружат на социјалните мрежи го покажуваат Ахмед, облечен во бела маица, како се крие зад автомобил на паркинг недалеку од еден од напаѓачите. За време на паузата помеѓу пукотниците, тој одеднаш се стрча кон напаѓачот, го зграпчи одзади за вратот и, по кратка борба, успеа да му го одземе пиштолот.

Потоа напаѓачот паѓа наназад, а Ахмед го насочува оружјето кон него додека тој се повлекува кон мостот, повремено гледајќи назад. Подоцнежните снимки го покажуваат Ахмед како седи на земја додека минувачите му помагаат со повредената нога.

На профилот @crazynewsinsydney, на кој беше објавено едно од видеата, се вели дека „човекот бил повреден, но неговата храброст им овозможила на другите да избегаат“.

И покрај повредите, Ахмед е свесен на снимката и разговара со оние што му пружаат помош, додека еден од минувачите му носи крпа за да го запре крварењето.