ВИДЕО Вучиќ покажа шал со руско знаме на натпреварот на српската репрезентација

Српскиот претседател Александар Вучиќ на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Србија и Швајцарија носеше шал со руско знаме.

Во саботата на стадионот во Лесковац се одигра натпреварот од 3. коло од Лигата на нации, а на трибините меѓу другите се најдоа Вучиќ и Милорад Додик, првиот човек на Република Српска. Токму Додик сподели видео на Х, на кое се гледа како Вучиќ со громогласен аплауз го поздравува изведувањето на српската химна Боже право, а потоа извади шал од џебот и го рашири.

Се вчитува...

На едната половина од шалот стои руското знаме, додека другата половина е окупирана од боите на српското знаме. Инаку, Вучиќ во неколку наврати изјави дека го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но ја отфрли можноста за воведување санкции кон Русија.

Да потсетиме, Вучиќ минатата недела учествуваше на самитот Украина – Југоисточна Европа во Дубровник. На самитот дојде и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Интересно е тоа што фудбалската репрезентација на Србија стана првата европска селекција што гостуваше во Русија по почетокот на агресијата против Украина. Руската репрезентација во март годинава ги декласираше во пријателски натпревар. Конечниот резултат беше 4:0 за Русија.