Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година има високи 95 проценти реализација. Со него беа вкупно опфатени 6374 лица, од кои 3359 или 53 % беа млади лица до 29 години.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска како посебно значајна ја потенцираше вклученоста на жените во активните програми и мерки кои водат до намалување на невработеноста и зголемување на вработливоста.
„Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година претставува одличен пример за родова еднаквост, во него 54 % односно 3456 лица од учесниците во активните програми и мерки за вработување беа жени, што за нас претставува посебен успех и голем придонес за поголема инкузивност на жената на пазарот на трудот“, изјави Царовска.
Интересот за учество во активните мерки и програми за вработување беше голем и од страна на невработените лица и од страна на работодавачите, особено за програмите и мерките кои водат до директно вработување, потенцираше директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Билјана Јовановска.
„Преку учество во програмата Самовработување, сопствен бизнис отворија 1191 лица, мерката Субвенционирање на плати овозможи да се вработат 759 лица, а преку учество во мерката Вработување и раст на правни субјекти беа вработени 347 лица. Во рамките на спроведувањето на Законот за вработување на инвалидни лица се доделуваа финансиски средства со кои се поттикнува вработувањето на инвалидните лица, при што беа доделени средства за вработување на 209 лица“, истакна Јовановска.