Високиот број на заразени го вклучи алармот – Филипче свика итен состанок со Комисијата за заразни болести

Поради драстично зголемениот број на заразени со корона вирус, министерот за здравство Венко Филипче итно ги свика на состанок членовите на Комисијата за заразни болести. Во Комисијата се согласиле да се направи епидемиолошка анализа за да се утврди начинот на трансмисија на вирусот низ општини и градови во земјава.

Се вчитува...

„Врз основа на тоа ќе заземеме став дали се потребни некакви мерки кои што би ги препорачале понатаму до Владата. Уште еднаш апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерки. Очигледно дека сме пред почеток на една новонастаната есенска ситуација, која што ја очекувавме. Ќе има дополнителни мерки доколку има зголемен број на заразени.“, најави Филипче.

И денеска на состанокот на Комисијата не било дискутирано за темата која ги тангира граѓаните, за отворање на границите без ПЦР тестови со Косово и регионот. Неофицијално ТВ21 дознава дека има несогласувања меѓу претставниците од влада односно министерот за одбрана Радмила Шеќеринска и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кои се против отворање на границите со Косово без ПЦР тест.

Пред неколку дена заменик министерот за здравство Илир Хасани напиша на Фејсбук дека наскоро ќе пиеме кафе во Приштина без ПЦР тест.

Оваа изјава на Хасани, потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири во емисијата Клик Плус ја нарече избрзана.

„Јас сметам дека беше забрзана објавата на заменик министерот за здравство дека наскоро ќе пиеме кафе во Приштина. Се случи вчера да оди да пие сам кафе во Приштина, без да ја анализира општо ситуацијата.“, рече Зекири.

Во меѓувреме вчера првиот вицепремиер Артан Груби рече дека нема логика границите да се држат затворени.

„Според мене не е логично границите да останат затворени и побарав тоа прашање да го адресираме. Г. Заев беше за, а беше одлучено во текот на неделава да ја разгледаме можноста околу отворањето на границите.“, рече Груби.

Премиерот Зоран Заев за отворањето на границите смета дека треба да бидеме внимателни, како од економски така и од здравствен аспект.

.

Извор: ТВ21