Екстремно високите температури веќе ги покажуваат своите последици врз здравјето на граѓаните. Во Скопје е забележан зголемен број интервенции на Брзата помош, а најпогодени се повозрасните лица, иако помош бараат и помлади граѓани.
Доктор Ана Џарева од Брза помош – Скопје изјави дека само утрово биле регистрирани повеќе од пет колапси на јавни места, главно кај постари лица. Освен овие случаи, евидентиран е и значително зголемен број повици од граѓани кои се жалеле на здравствени проблеми предизвикани од жештините.
Најчестите симптоми поради кои се бара медицинска помош се болки во градите, вртоглавица, слабост и општа малаксаност. Во текот на денот интервенирано е и кај 37-годишна жена на која ѝ се слошило додека била во возило, а Брзата помош имала и неколку повици поврзани со сообраќајни незгоди, меѓу кои и случај во кој велосипедист бил удрен од автомобил.
Лекарите повторно апелираат граѓаните да не престојуваат на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога температурите се највисоки. Доколку излегувањето е неизбежно, се препорачува носење лесна и светла облека, капа и очила за сонце, како и редовно внесување вода и природни сокови.
Истовремено, советуваат да се избегнуваат алкохолни и кофеински пијалаци, како и тешка и мрсна храна. Лицата со хронични заболувања треба редовно да ја земаат препишаната терапија и да не излегуваат веднаш од климатизирани простории на високи температури, туку постепено да му овозможат на организмот да се прилагоди.
Од Брзата помош предупредуваат и на зголемена внимателност во сообраќајот, бидејќи високите температури можат да предизвикаат намалена концентрација и побавни реакции кај возачите и другите учесници во сообраќајот.