Вчерашниот протест на земјоделците пред Владата се претвори во алатка за обвинувања и контра-обвинувања на релација власт – опозиција. Преку ова видео, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека полицијата се обидела да ги спречи земјоделците и нивниот мирен протест.
Земјоделците вчера за ТВ21, рекоа дека полицијата не им дозволила да поминат бидејќи биле со трактори полни со овошје и зеленчук. Им беше дозволено да го продолжат протесниот марш кон владината зграда откако ги испразнија тракторите. Од друга страна пак, од СДСМ велат дека таканаречениот протест на земјоделците, не е ништо повеќе од еден партиски протест на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, обвинуваат дека земјоделците ги живеат најцрните времиња од независноста на државата. Субвенции не стигаат до сите земјоделци, уверуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека целиот сегмент е во рацете на локални моќници кои печалат на маката и трудот на работливите земјоделци. Од владејачката СДСМ, пак, уверуваат дека вистинските земјоделци немаат причина да протестираат, бидејќи владината поддршка за нив годинава достигнува до 7 милијарди денари.