Владата побарала да се пролонгира објавувањето на конечниот став на Венецијанската комисија. Премиерот Заев рече дека такво нешто побарале поради потребното време за анализа на аргументите на Венецијанската комисија.
Венецијанската комисија требаше своите препораки и мислење да ги објави на 17 октомври, меѓутоа на барање на Владата тоа се очекува да се одложи за на крај од годината. Министерката за правда, Рената Дескоска рече дека кога официјално ќе го добијат мислењето, ќе разговараат за сите аспекти.
Таква одлука доаѓа по објавувањето на драфт верзијата каде Венецијанската комисија истакнала дека законот за употреба на јазиците го доведува во опасност функционирањето на правниот систем. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, меѓутоа смета дека Законот за јазиците е еден од основните столбови на Рамковниот договор. Тој истакна дека конечните препораки од Венецијанската комисија ќе се разгледаат и ќе се земат предвид но одлуките се носат во Собрание.
