Македонија

Владата донесе одлука за отворање на Амбасада во Литванија

Владата донесе одлука за отворање на Амбасада во Литванија

Владата донесе одлука за отворање на Амбасада на државата во Република Литванија, со седиште во главниот град Вилнус.

Одлуката е донесена на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а со неа се воспоставува постојано резидентно дипломатско присуство во Литванија.

Од Владата информираат дека отворањето на амбасадата ќе придонесе за зајакнување на директниот политички дијалог меѓу двете земји, поефикасно застапување на националните интереси и унапредување на билатералната соработка со Литванија како значајна пријателска држава.

Новата амбасада во Вилнус ќе има и поширока регионална улога, при што ќе служи како централна точка за покривање и на останатите балтички држави во политичката, економската, културната и конзуларната соработка.

Литванија, како што се наведува, е меѓу најактивните членки на Европската Унија и НАТО во областа на безбедносните политики и поддршката на проширувањето на Унијата, како и држава која континуирано ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија.

Билатералните односи меѓу двете земји, како што се оценува, се потврдуваат и со отворањето на литванска канцеларија во Скопје во ноември 2023 година.

Со оваа одлука, Амбасадата на Македонија во Варшава повеќе нема да биде надлежна за Литванија на нерезидентна основа, со што се воспоставува директна дипломатска комуникација меѓу Скопје и Вилнус.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни