По ненадејната смрт на градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, Владата донесе одлука со која се констатира престанокот на неговиот мандат, информираше владината портпаролка Марија Митева.
Согласно законските прописи, во Општина Брвеница ќе биде започната постапка за распишување нови избори за градоначалник.
Митева појасни дека Министерството за локална самоуправа ја започнало постапката откако добило известување од претседателот на Советот на Општина Брвеница за настапување на законски предвидена околност за предвремен престанок на мандатот на градоначалникот по сила на закон.
„Согласно Законот за локалната самоуправа, Министерството е должно во рок од 15 дена од приемот на известувањето да ја информира Владата за настапувањето на овој законски основ, по што Владата, во рок од 30 дена, ја започнува постапката за распишување на нови избори за градоначалник“, изјави Митева.
Со донесената одлука се отвора патот за избор на нов прв човек на Општина Брвеница, откако досегашниот градоначалник Јовица Илиевски почина ненадејно.