САД регистрираше домеин за документи за вонземјани и НЛО

Извршната канцеларија на претседателот на Соединетите Американски Држави го регистрирала доменот aliens.gov, според бот кој ги следи федералните регистрации на домени, потег што веројатно ќе поттикне нови шпекулации околу најавените планови на администрацијата на Доналд Трамп за објавување владини документи поврзани со вонземјани и неидентификувани летачки објекти.

Доменот бил регистриран во средата, нешто по 6:30 часот наутро, според мониторинг-налогот. Во моментот на пишување, на таа адреса немало активна веб-страница, а администрацијата јавно не ја објаснила целта на регистрацијата.

Овој потег доаѓа околу еден месец откако Трамп изјави дека ќе ја насочи владата да започне со објавување документи поврзани со вонземски живот, вонземјани и неидентификувани воздушни феномени (UAP) – термин што американските власти сè почесто го користат наместо НЛО.

Јавниот интерес за оваа тема останува висок во последните години. Американскиот сенатор Чак Шумер инсистираше на декласификација на материјали поврзани со необјаснети воздушни појави, додека снимки објавени преку иницијативата на Том Делонг „To The Stars“ повторно го насочија вниманието кон видеата на Пентагон со необични објекти забележани од пилоти на американската морнарица. Конгресот исто така одржа серија сослушувања на оваа тема.

На едно од најследените сослушувања во 2023 година, тројца воени ветерани сведочеа пред законодавците, меѓу кои и поранешен разузнавач од воздухопловните сили, кој тврдеше дека американската влада водела тајна програма со децении за обратно инженерство на пронајдени летала. Тој исто така изјави дека биле пронајдени и „нечовечки биолошки материјали“ на наводни места на пад.

Сепак, овој интензитет на интерес се намали минатата година, откако The Wall Street Journal објави дека голем дел од информациите се поврзани со дезинформациска кампања и, како што беше наведено, сложен ритуал на малтретирање во Пентагон.

Темата повторно се врати во јавноста во февруари, кога поранешниот претседател Барак Обама зборуваше за вонземјани во интервју со американскиот Јутјубер Брајан Тајлер Коен. На прашањето дали вонземјаните се реални, Обама одговори дека „се реални, но дека не ги видел и дека не се чуваат во Област 51“, додавајќи дека не постои подземен објект, освен ако не станува збор за огромна конспирација што била скриена од претседателот.

Неколку дена подоцна, Обама појасни на Инстаграм дека одговорил во духот на брза размена на прашања, нагласувајќи дека иако големината на универзумот ја прави веројатна можноста за живот на други места, за време на неговиот мандат немало докази за контакт со вонземјани.

Ова предизвика прашања до Трамп на прес-конференција во авионот Air Force One. Коментирајќи ги изјавите на Обама, Трамп рече дека тој „дал доверливи информации“, додавајќи дека не знае дали вонземјаните се реални, но повтори дека Обама објавил класифицирани податоци. Кога беше потсетен дека претседателот може да декласифицира информации, Трамп одговори дека можеби ќе го „извади од неволја“ со нивно објавување.

Подоцна истиот ден, Трамп објави на својата платформа дека ќе ја насочи владата да започне „процес на идентификација и објавување на владините документи поврзани со вонземски живот, неидентификувани воздушни феномени и неидентификувани летачки објекти“. Тој додаде дека ова ќе се однесува и на „сите други информации поврзани со овие комплексни, но исклучително интересни и важни теми“.

Предложеното објавување е дел од поширок тренд во администрацијата на Трамп за декласификација на документи поврзани со теми што долго време привлекуваат јавен интерес и теории на заговор, вклучително и атентатот врз Џон Ф. Кенеди и случајот со финансиерот Џефри Епштајн. Овие објави, особено во случајот со Епштајн, имаа пошироки последици, вклучително и откривање компромитирачки материјали и идентификација на претходно непознати жртви.