Македонија

Владата нема да тужи, само Рашковски – „Не може некој да служи како „боксерска вреќа“, рече Заев“

Премиерот нема да го разреши генералниот секретар, а ниту Рашковски планира да поднесе оставка поради скандалот со објавената аудио бомба и обвинувањата дека местел тендер во корист на италијанската фирма Леонардо за набавка на систем за потребите на контролата за летање. Иако во минатото премиерот најавуваше дека ќе бара одговорност од секој функционер кој покажал ароганција, сепак за Рашковски вели дека не бил арогантен бидејќи се извинил и тоа до небо.

„Значи, јас не гледам ароганција од човек кој јавно се извинува, и вели извинување до небото, ако ја гледаме тука ароганцијата. Апсолутно ги потврдувам сите аспекти, заради тоа што, дали е тоа генерален секретар или потпретседател на влада добива многу често инструкции од мене како влада да ги забрза процесите…Се работи за тендер кој е завршен уште во 2016 година, но никако институциите да се убедат да го потпишат за да влезат во негова имплементација. Сето тоа беше јавно, детално објаснето и верувам дека ќе има истраги и кривични постапки“, изјави Зоран Заев – премиер.

Владата нема да тужи ниту еден новинар или портал кој ја објавил веста и го објавил видеото. Сепак, додава дека секое физичко лице, па така и Рашковски има право да си го одбрани својот кредибилитет и углед.

Заев, додава дека ќе има истрага од надлежните по ова прашање, а секој, за кој ќе се докаже дека има некаква одговорност, ќе мора да одговара.

Вчера Рашковски на прес конференција изнесе неколку документи и докази во негова одбрана. Вели дека зделката е направена за системот за потребите на контролата на летање е направена од претходната власт, но сепак за 15-те отсто награда кои ги спомнува во аудио снимката немаше одговор.

Воедно изјави дека немало фаворизација на италијанската фирма Леонардо. Најави тужни за портали и новинари, но и за Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ која неколку дена по ред држи прес конференции на кои бара обвинителството да реагира во случајот со Рашковски.

Воедно Заев најави дека на владина седница следната недела како точка на дневен ред ќе биде ставена најавената реконструкција која треба да ги опфати директорите. За имињата ќе се разговара во вторник, а ќе бидат опфатени од 20 до 25 директори на централните институции на државно ниво.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни