Македонија

Владата потрошила 6 милиони денари за питка вода за гостиварчани

Владата потрошила 6 милиони денари за питка вода за гостиварчани

Речиси шест милиони денари изнесуваат трошоците за обезбедување питка вода за жителите на Гостивар во периодот додека беше во сила кризната состојба. Владата, според директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, уште од првиот ден започнала со континуирана испорака на вода до граѓаните.

Во гостувањето во емисија на Канал 5, Томовски рече дека дневно во Гостивар се доставувале најмалку по два шлепера, односно меѓу 50 и 70 тони вода за пиење.

– Од првиот ден почнавме да носиме минимум по два шлепери вода на ден. Тоа се околу 50 до 70 тони вода за пиење, изјави Томовски.

Тој појасни дека Владата спровела тендерска постапка за набавка на водата, која во јавноста била предмет на критики, но според него, постигната била пониска цена благодарение и на дополнителната помош од компании и поединци.

Како што наведе Томовски, шише од 1,5 литар вода било набавувано по цена од 12 денари со вклучен ДДВ, додека во продавниците истото количество граѓаните можат да го купат за околу 25 до 30 денари.

Тој посочи дека во набавката учествувала и „Кожувчанка“, додека Митко Јанчев дополнително партиципирал во помошта за гостиварчани, што, според Томовски, придонело за постигнување на пониска цена.

Покрај редовните количества, имало и денови кога во Гостивар биле доставувани дополнителни количини вода, поради донации од други компании.

– Во континуитет доставувавме по два шлепери, но некогаш имаше и одредени поголеми количини, бидејќи други компании донираа дополнителни количини вода, рече директорот на СОЗР.

Според него, снабдувањето било доволно за потребите на населението, а кон крајот на кризата дел од домаќинствата веќе имале обезбедено дополнителни резерви вода.

Томовски се осврна и на финансиската подготвеност на државата за вакви ситуации, посочувајќи дека можностите зависат од расположливите средства во буџетот.

Тој потсети дека Владата и СОЗР и претходно биле ангажирани во кризна ситуација, посочувајќи го случајот со трагедијата во Кочани.

– Да го спомнам и немилиот настан во Кочани, каде што целосно покривме транспорт на луѓето, блиските до семејствата на повредените кои беа на лекување во странство и тогаш се потрошија околу 30 милиони денари, информираше Томовски.

Кризната состојба во Гостивар беше прогласена поради проблемот со водата за пиење, по што државните институции се вклучија во обезбедување безбедна вода за населението во периодот додека траеше кризата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни