Македонија

Владата препорача работа од дома за вработените во институциите во „Нова Македонија“

Владата препорача работа од дома за вработените во институциите во „Нова Македонија“

Вработените во осум државни институции сместени во зградата на „Нова Македонија“ привремено ќе ги извршуваат работните обврски од дома, поради последиците од техничката хаварија во објектот.

Владата на денешната седница ја разгледала информацијата за состојбата во зградата, како и досега преземените и планираните активности за отстранување на последиците и нормализирање на условите за работа.

Како причина за привремената реорганизација на работата се наведува продирањето на вода во дел од електричните инсталации. Поради тоа, пред повторното ставање на објектот во редовна функција потребно е да се извршат неопходните технички и безбедносни проверки.

Владата донела заклучок со кој им се препорачува на институциите сместени во објектот привремено да го организираат работењето без физичко присуство на вработените во зградата.

Од Владата посочуваат дека мерката е превентивна и има за цел да ја обезбеди безбедноста и здравјето на вработените, без притоа да се прекине функционирањето на институциите.

Надлежните служби продолжуваат со санацијата на последиците од хаваријата и со активностите за создавање услови за безбедно враќање на вработените и целосно нормализирање на работата во објектот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни