Македонија

Владата воведува ограничувања за пловидба на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро

Владата воведува ограничувања за пловидба на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро

Владата, на предлог на Министерството за транспорт, донесе Одлука за ограничување на пловидбата на пловни објекти на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, со цел зголемување на безбедноста на капачите и учесниците во пловидбата.

Од Министерството информираат дека мерката е насочена кон заштита на човечките животи, намалување на ризикот од несреќи и обезбедување непречено користење на езерските води во текот на летната сезона.

Според одлуката, пловидбата на скутери ќе биде ограничена во периодот од 1 јули до 31 август 2026 година, секој ден од 11:00 до 19:00 часот.

Дополнително, воведени се и временски ограничувања за пловидба на чамци. Во периодот од 3 јуни до 31 август 2026 година чамците нема да смеат да пловат од 21:00 до 05:00 часот. Во септември забраната ќе важи од 20:00 до 06:00 часот, додека во октомври пловидбата ќе биде ограничена од 19:00 до 06:00 часот.

Од Министерството за транспорт посочуваат дека надлежните служби ќе спроведуваат засилени контроли на терен, а за непочитување на ограничувањата ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи.

Воедно, се упатува апел до сопствениците и управувачите на скутери и чамци да ги почитуваат правилата за пловидба, безбедносните зони и насоките на надлежните органи, со цел безбедно користење на езерата во текот на туристичката сезона.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни