Власта бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, гласањето на реформските закони следната недела

До крајот на јануари, пред пратениците ќе бидат ставени 20 реформски закони кои треба да се изгласат во Собранието, а за кои е потребно 2/3 мнозинство. Инаку, најголем дел од разгледаните  закони се од областа на правосудството, меѓу кои и Кривичниот законик, Законот за јавно обвинителство и за СЈО, потоа Законот за органите на управата, како и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Работната подгрупа во рамки на Координативното тело за интеграции, побарало од претседателот на Собранието закажување на посебна седница за усвојување на предложените закони од пратениците.

„Постапките ќе почнат следната недела бидејќи огромен дел од тие закони ќе одат преку прво читање и второ читање. Доколку има мали промени, дел од нив ќе одат и по скратена постапка, но повторно велам дека огромен дел ќе продолжат со редовна постапка“, изјави Пеџаил Исмаили – Претседател на подгрупата за реформи.

Се вчитува...

За парламентарното тело за реформи меѓу најприоритетните е и законот за антикорупциска комисија, но се подготвува и Закон за подобрување на статусот на пратениците по истекот на нивниот мандат.

„И законот за антикорупциска е приоритетен. Ќе дадеме се од себе да го усогалсиме и да го донесеме, бидејќи во никој случај не сакаме да дојдеме во ситуација претседателските избори да се одржат без формирана антикорупциска комисија“, вели Снежана Калевска – пратеник од СДСМ.

Работната подгрупа за реформи очекува овие закони да бидат поддржани и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21