Реформите и евроинтеграциите беа во фокусот на емисијата со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, при што двете партии изнесоа спротивставени ставови околу напредокот на Македонија кон Европската Унија.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасијевски, изјави дека Владата активно ги спроведува реформите од реформската агенда и дека тоа е доказ оти државата останува цврсто на европскиот пат. Тој посочи дека претставници на земјите членки на Европската Унија, кои во април престојувале во Македонија, констатирале „голем напредок“ во реформските процеси.
„Ако не сакавме да бидеме дел од Европската Унија, немаше да ги исполнуваме реформите од реформската агенда“, рече Манасијевски.
Тој додаде дека Македонија успешно го завршила постмониторинг процесот со Советот на Европа, што според него претставува потврда за демократскиот капацитет на државата. Манасијевски нагласи и дека Владата работи на стратешки партнерства со земји членки на ЕУ и НАТО, како Унгарија и Хрватска, како и на договори со Обединетото Кралство и САД.
Според него, Македонија веќе добила над 60 милиони евра од Планот за раст на Европската комисија токму поради спроведените реформи, а оваа година, како што рече, ќе биде целосно посветена на реформската агенда и реализацијата на проектите.
Од друга страна, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, оцени дека државата веќе две години нема суштински напредок во евроинтегративниот процес. Таа ја обвини актуелната власт дека повеќе се занимава со политички напади кон опозицијата отколку со реформи кои би ја придвижиле државата кон ЕУ.
Кузеска истакна дека застојот во евроинтеграциите директно влијае врз граѓаните, особено врз младите, кои сè повеќе ја напуштаат државата поради недостаток на перспектива, правда и функционален систем.
„Не можат младите да живеат во безнадежност и во држава која не нуди правда, систем и напредок“, рече таа.
Таа предупреди дека Македонија останува надвор од европските механизми и бенефити, особено во време на економски и политички кризи, и оцени дека владата нема јасен план за продолжување на евроинтегративниот процес.
Во делот за реформите, Кузеска посочи дека секој следен предлог во преговорите со Европската Унија станува потежок и понеповолен, поради што, според неа, државата мора активно да учествува во процесите и да избегне изолација. Таа смета дека компромисите направени досега, вклучително и Преспанскиот договор и францускиот предлог, овозможиле заштита на македонскиот јазик и идентитет.
Кузеска ја критикуваше и состојбата во правосудството, оценувајќи дека контактите меѓу премиерот и јавниот обвинител претставуваат нарушување на институционалната независност.
„Во една европска и демократска држава, ваквите постапки би предизвикале сериозен политички скандал и одговорност“, изјави Кузеска.
Додека ВМРО-ДПМНЕ тврди дека реформите и меѓународните партнерства се доказ за посветеноста кон европската агенда, СДСМ оценува дека процесот стагнира и дека државата губи време и перспективи во клучен период за евроинтеграциите.