ВМРО-ДПМНЕ инсистира на предвремени избори, економистите велат тоа е губење време и пари

ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена бара заедно со претседателските, да се одржат и предвремени парламентарни избори. Генералниот секретар Игор Јанушев вели дека само ВМРО-ДПМНЕ може да ја „издигне“ домашната економија.

Но, познавачите на економските состојби не мислат така. Според нив предвремените парламентарни избори, не само што ќе бидат товар за државниот буџет, туку и ќе му наштетат на приватниот сектор и ќе предизвикаат застој во реализирање на странските инвестиции.

-Од економски аспект нема логика бидејќи предвремените избори носат директни трошоци, кои ќе бидат товар за буџетот и трошоци кои ќе произлезат како последица на предвремените избори. Значи, има трошоци за организирање на изборите, трансфер на пари на политичките партии итн. Потоа имаме трошок, кој секако не е директен, туку е опортунистички. Потоа времето што ќе го изгуби Владата со потребните реформи, што би можело да предизвика и штета врз приватниот и економскиот сектор во земјава, бидејќи нивните инвестиции ќе треба да чекаат подобри времиња – вели Висар Адеми.

Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија вели дека честите изборни циклуси негативно влијаат врз економскиот развој на државата.

-Ние како Стопанска комора изразивме загриженост за вакви случаи, кога на нашата земја ѝ е потребен фокус во економскиот развој. Ваквите политички застои и честите изборни циклуси имаат директно влијание врз економскиот развој на земјата. Особено во делот на функционирање на институциите и комуникацијата на бизнис секторот со институциите, односно со политичкиот фактор во нашата земја – изјави Неби Хоџа.

На адреса на актуелната влада во изминатиот период од одредени економски аналитичари и универзитетски професори стигнаа низа критики за економијата. Кабинетот на Зоран Заев во 2018 беше целосно фокусиран на Договорот од Преспа и евроинтеграциите поради што економијата беше во втор план. Но, 2019 ја најавуваат како година на економијата. Инаку, последните парламентарни избори во Македонија се одржаа на 11 декември 2016 година.

Репортер: Арменд Абази

Извор: ТВ21