Утринава најголемите партии си разменија неколку соопштенија по повод загадувањето, кое покрај случајот „Груевски“, е актуелна тема во земјава. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека против загадувањето се бори со исклучување на мерните станици, и така граѓаните би немале прецизини информации колку е загаден воздухот.
„Мега проект кој СДСМ го воведе против загадување на воздухот е „Исклучување на мерни станици“. СДСМ наместо да троши пари на луксузи и лубриканти нека започне да работи нешто за намалување на загаденоста во Република Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ како партија која се грижи за здравјето на своите граѓани во Собранието вчера поднесе информација за енормното загадување на амбиеталниот воздух во државата. Нема место и време за политиканство кога станува збор за здравјето на нашите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш, власта да ги прифати нашите предлог итни мерки за справување со енормното загадување на воздухот.
ВМРО-ДПМНЕ апелира да се прифатат мерките кои живот значат. Во спротивно власта треба да си замине и да остави друг да се грижи за здравјето и животот на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.