ВМРО-ДПМНЕ обвинува за незаконска селекција – директорот Димовски тврди дека вработувањата во АНБ се чисти

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски 4 часа реферираше пред собраниската Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање. Во јавноста излегоа голем број критики за селекцијата на кадри со која дел од вработените во поранешната УБК преминувааат во новоформираната АНБ. Комисијата расправаше зад затворени врати. По средбата Трајче Димков  остана на ставот дека префрлањето на вработените од УБК во новата Агенција се врши партиски и спротивно на законот без да се спроведе тестот за интегритет, полиграфско тестирање и мислење од Антикорупциска комисија. Тој вчера со писмо го извести премиерот Зоран Заев дека дава оставка од Комисијата за селекција.

Директорот Димовски вели дека селекцијата е чиста иако потврди дека не се извршени потребни тестирања поради, како што рече проблеми и со времето и со акредитациите на институциите надлежни за тие тестирања. Дополни дека тие тестови дополнително ќе се спроведат.

Шпекулациите во јавноста дека за префрлање од УБК во АНБ се пријавиле и Никола Бошковски и Горан Грујовски обвинети во случајот на СЈО Таргет Тврдина, од Агенцијата ги отфрлаат како неточни. Велат дека ниту едно лице кое е обвинето од СЈО не е опфатено со селекцијата односно не е префрлено во новата агенција, но според законот тие што нема да бидат вработени во АНБ ќе добијат работа во Министерството за внатрешни работи.

Извор: ТВ21