Македонија

ВМРО-ДПМНЕ освои 55 градоначалнички места вклучувајќи го и Скопје, ВРЕДИ 9, СДСМ 6

ВМРО-ДПМНЕ освои 55 градоначалнички места вклучувајќи го и Скопје, ВРЕДИ 9, СДСМ 6

По завршувањето на вториот круг од Локалните избори 2025, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник и, според резултатите од двата круга, ќе има градоначалници во Градот Скопје и во 54 други општини, или вкупно 55.

Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата предводена од СДСМ ќе има шест градоначалници, додека коалицијата НАИ освои четири градоначалнички места.

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија и Унијата на Ромите ќе имаат по еден градоначалник. Една општина во наредниот мандат ќе биде водена од независен кандидат.

Вчера, во вториот изборен круг, граѓаните гласаа за избор на градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Во првиот круг, одржан на 19 октомври, беа избрани 44 градоначалници.

Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – вчера воопшто немаше гласање. Причината е недоволниот одѕив на гласачи (неисполнет цензус) во првиот круг. За овие општини ќе се спроведе целосно нова изборна постапка, која треба да се одржи во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од овие избори.

Ова беа осми Локални избори во земјата, а четврти на кои се избираа градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

На Локалните избори 2025 учествуваа вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни