Од ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение велат дека СДСМ одбива да се покачи платата во јавниот сектор, и поголеми плати за наставниците.
„ВМРО-ДПМНЕ преку амандман на Законот за минимална плата во Собранието побара да се усогласат платите во јавниот сектор и да дојде со коефициентот на сложеност на работните места. Со тоа ќе се почитува Колективниот договор во образованието. Со тој предлог наставниците ќе добијат плата и до 45 илјади денари, а ќе има поголеми плати и за административно техничкиот персонал. СДСМ бега од покачување на платите во јавниот сектор и е лицемерна со просветните работници“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека премиерот Димитар Ковачевски доколку е искрен ќе го поддржи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ.
„До сега Ковачевски и СДСМ покажаа дека се лицемерни, и го одбија и предлогот за покачување на пензиите за 20%. Ковачевски и СДСМ работат за сопствени политички поени, а не за народот во целост, затоа и не ги поддржуваат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак се јавија со реакција каде велат дека во Собранието продолжува дискусијата за Предлог Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование.
„Ова законско решение предвидува зголемување на платите на сите наставници и стручни соработници во основното и средното образование со раст на минималната плата. Овој Закон предвидува сигурно и квалитетно решение за работниот однос на над 4.700 наставници кои работат со години, а не можат да го трансферираат работниот однос, бидејќи предаваат во повеќе училишта или предаваат изборни предмети.
Со законот покажуваме дека соодветно го вреднуваме трудот на наставниците и стручните соработници кои предаваат во комбинирани паралелки, во паралелки со деца со попреченост или имаат дополнителни задолженија“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека цела година пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го блокирале Законот и работеле на штета на наставниците кои поради ваквиот нечесен и неодговорен однос цела година земаат пониски плати.
„Со оглед на тоа дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ такво решение доставија во собраниска процедура, со што признаа дека се работи за добар закон, треба да престанат со блокадите, да бидат конструктивни и конечно да почнат да работат во интерес на граѓаните“, порачуваат од СДСМ.