ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ повторно ги лаже земјоделците, им ветија чуда, но им донесоа беда

„СДСМ повторно манипулира со македонските земјоделци.  Зелената нафта е уште едно „ЌЕ“ ветување на криминогената власт на СДСМ. Ветуваа дека земјоделците ќе ја добијат веднаш, но еве речиси по две години се уште не е реализирано“, велат во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ во кое се додава:

„Власта воопшто не се грижи што земјоделците имаат зголемени трошоци заради порастот на дизелот, и се уште си поигрува со нивната мака манипулирајќи дека зелената нафта ќе ја добијат следната година.

СДСМ повторно ги лаже земјоделците дека ќе добијат 160 милиони евра субвенции. Реалноста дека СДСМ ја прави истата манипулација како лани, односно  со предложениот буџет  од предвидени субвенции и програма за рурален развој, земјоделците ќе добијат околу 141 милиони евра, односно за цели 19 милиони евра помалку.

Вложувањето на 5 милиони евра за капитални проекти во водостопанството, не само што е уште една голема лага туку, сумата е четирикратно помала од таа која ја проектираше ВМРО-ДПМНЕ кога беше проектирано да се вложат 200 милиони евра во наредните 10 години односно по 20 милиони годишно.

СДСМ пред да дојде на власт ветуваа чуда во земјоделието, организиран и сигурен откуп, повисоки цени и нови пазари, но наместо тоа донесоа беда за земјоделците.

Оваа година видовме што значи СДСМ и што значи трудот  на земјоделецот да не е вреднуван. Како и на секое поле во државата така и во земјоделието се случува вистински пустош“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: ТВ21