ВМРО-ДПМНЕ со контранапад: Имаме доказ од Службен весник – Филипче и Заев во 2018 година планирале мигрантски камп во Бардовци

„Војната со соопштенија“ на тема мигранти продолжува со несмален интензитет. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со остра реакција на обвинувањата од опозицијата, тврдејќи дека „меурот од лаги“ на СДСМ пукнал. Од партијата посочуваат конкретни документи од 2018 година кои, според нив, докажуваат дека токму претходната власт планирала изградба на мигрантски центар во скопско.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека додека Венко Филипче денес „глуми патриот“, фактите говорат дека тој бил дел од владата која имала волја да ја претвори Македонија во „паркинг за мигрантски кампови“.

Владејачката партија се повикува на официјални државни документи како доказ за своите тврдења.

„Филипче туркал камп во Бардовци и гласал да се доселат мигранти во Македонија, а за сето тоа има и доказ во Службениот весник од 2018 година, каде што е објавена одлуката на Владата за изградба на мигрантски камп, со Имотен лист бр. 2140 за Катастарска општина Бардовци,“ се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто Филипче молчел во знак на одобрение тогаш, а денес шири паника со непостоечки теми.

Партијата на премиерот Мицкоски го обвини лидерот на опозицијата дека „растура пердуви“ со лажни вести за да го скрие сопственото лицемерие и дека „игра криенка“ бегајќи од новинарски прашања.

Наспроти политиките на СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека тие имаат јасна државотворна и антиимиграциска политика која ја гарантира безбедноста на граѓаните.

На крајот, од партијата упатија иронична порака до „Бихаќка“: „Време е СДС и Филипче да се посветат на мигрантите од сопствените редови кои им бегаат во други партии и да си ја реформираат партијата. На Македонија ѝ е потребна зрела опозиција,“ порачуваат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.