Магазин

Внимавајте што купувате: ЕУ откри масовни измами на етикетите на облеката

Внимавајте што купувате: ЕУ откри масовни измами на етикетите на облеката

Речиси четири од десет парчиња облека што се продаваат на пазарот на Европската Унија имаат неточна декларација за составот на материјалот, покажала систематска контрола спроведена во осум земји-членки. Испитувањето на 132 облеки открило дека дури 37 проценти, односно 49 примероци, носат ознаки што не одговараат на реалниот состав на ткаенината. Кампањата била поддржана од Генералниот директорат на Европската комисија за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и мали и средни претпријатија (DG GROW).

Што покажало истражувањето?

Анализата опфатила 44 горни облеки, 36 парчиња бебешка облека, 15 спортски облеки, 12 пижами, пет шалови и 20 други видови облека изработени од волна, памук и мешавини на влакна.

Контролата открила три главни видови неправилности. Кај дел од производите влакната биле точно наведени, но со погрешни процентуални удели. Друг чест случај бил производите да содржат поевтини влакна од оние што биле наведени на декларацијата.

Кај некои артикли, пак, влакната биле целосно погрешно означени или именувани. Ваквите неправилности не само што ја нарушуваат довербата на потрошувачите, туку предизвикуваат и економски последици.

Најмногу неправилности кај шаловите

Најголем процент на неправилно означени производи бил утврден кај шаловите, каде стапката на несоодветност достигнала дури 80 проценти. Следуваат горните облеки со 54 проценти и бебешката облека со 25 проценти неправилни примероци.

Помали стапки биле забележани кај облеката за спиење (16 проценти), спортската облека (13 проценти), како и кај останатите производи (40 проценти).

Анализата покажала и дека производите означени како мешавина од природни и синтетички влакна имале највисока стапка на неправилности – 64 проценти. Потоа следуваат мешавините составени исклучиво од природни влакна со 46 проценти. Најмалку неправилности, само 15 проценти, биле откриени кај облеката декларирана како 100 проценти природно влакно.

Надзорните органи предупредуваат дека ваквите несогласувања претставуваат економски ризик за потрошувачите, ја нарушуваат фер конкуренцијата и го отежнуваат рециклирањето, кое зависи од точната идентификација на влакната.

Поголем ризик при онлајн купување

Надзорните тела од Кипар, Данска, Финска, Германија, Италија, Литванија, Малта и Португалија купиле 104 производи во физички продавници и 28 преку интернет.

Испитувањето, спроведено во овластена лабораторија во Италија, покажало дека стапката на несоодветност кај производите купени онлајн изнесува 46 проценти, додека кај производите купени во физички продавници е нешто пониска – 36 проценти.

Дополнително било утврдено дека кај многу производи, особено увезените од земји надвор од ЕУ и ЕФТА, недостигаат основни податоци за производителот, што значително ја отежнува примената на мерките и евентуалното повлекување од пазарот.

Наредени корективни мерки

Поради утврдените неправилности, надлежните институции наложиле запирање на продажбата на 18 производи. На производителите на два производи им било наредено да преземат корективни мерки, додека два други производи морале повторно да бидат означени. За три производи биле издадени предупредувања.

На почетокот на март 2026 година, постапките сè уште биле во тек за 24 производи. Вкупно 41 производ бил евидентиран во Информацискиот и комуникациски систем за надзор на пазарот (ICSMS), платформата на ЕУ за размена на информации и координација на надзорните активности.

Препораки за потрошувачите и индустријата

Високата стапка на несоодветност укажува на широко распространет проблем со неточното означување на производите и ја нагласува потребата од континуиран надзор и информирање на индустријата за нејзините обврски.

На потрошувачите им се препорачува да бидат внимателни при купување облека по исклучително ниски цени или понуди кои изгледаат премногу добри за да бидат вистинити. Предност треба да им се даде на производите чии етикети содржат јасни информации за производителот, како што се назив, адреса или интернет-страница, бидејќи тоа обезбедува поголема одговорност и следливост.

Увозниците, дистрибутерите и трговците треба да проверуваат дали ознаките за состав и усогласеност се присутни на сите производи и да спроведуваат строги тестирања на готовата облека и ткаенините.

Порака од Европската комисија

„Потрошувачите и компаниите мора да имаат доверба дека декларациите на облеката што ја купуваат верно го прикажуваат составот на влакната. Кампањите за надзор на пазарот обезбедуваат купувачите да го добијат она што го плаќаат и ги штитат претприемачите од нелојална конкуренција“, изјави Ванеса Капурсо, службеник за политики во Генералниот директорат GROW.

Ова испитување било спроведено во рамки на Заедничките акции за усогласеност на производите за 2025 година (JACOP 2025), а облеката била една од 11-те категории производи опфатени со контролата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни