До 2050 година побарувачката ќе достигне 23,3 милиони тони, а развојот на нов рудник трае во просек 17 години
Глобалната трка по бакар се интензивира. Забрзаната електрификација, развојот на електричниот транспорт и растечките индустриски потреби создаваат сè поголем притисок врз светското производство, додека отворањето нови рудници останува долг и сложен процес.
Последниот извештај на BloombergNEF предупредува дека се потребни околу 332 милијарди долари нови инвестиции во рудници за бакар за да се спречи иден недостиг на овој метал. Според проекциите, побарувачката за потребите на електрификацијата ќе се зголеми за 89% до 2050 година, достигнувајќи 23,3 милиони тони.
Сепак, парите сами по себе не се доволни за брзо зголемување на понудата. Просечното време потребно за развој на еден нов рудник е околу 17 години, поради што евентуалниот недостиг би можел да продолжи најмалку до 2043 година, дури и со реализација на неопходните инвестиции.
Според BloombergNEF, пазарот на бакар би можел да влезе во дефицит уште во 2028 година. Причината е растот на побарувачката во услови кога постојните производители се соочуваат со предизвикот да го надоместат падот на производството.
Особено брзо расте потребата од бакар во електричниот транспорт. Електричните автомобили, камиони и автобуси користат бакар во моторите, инверторите, батериите, каблите и инфраструктурата за полнење. Истовремено, металот останува незаменлив во градежништвото, производството и секојдневните производи.
Пораката од анализата е јасна: за да одговори на идните потреби, светот мора навреме да инвестира во истражување, развој и отворање нови рударски капацитети. Одлуките што се носат денес ќе ја определат достапноста на бакарот во следните децении.
Во Македонија единствена нова инвестиција за бакар е во рудник во Иловица, чија првична тежина изнесува околу 350 милиони евра. Оваа инвестиција се уште не е реализирана, иако се изминати повеќе од 22 години од дозволата за геолошки истражувања на наоѓалиштето, издадена во 2004 година. Подоцнежните истражувања покажаа дека е возможно просечно годишно производство до 16 илјади тони бакар, со животен век на рудникот од околу 23 години. Претходно и во анализа на професори од Универзитетот во Штип беше нагласено дека порфириското наоѓалиште на бакар „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект во Македонија.
Инаку, според аналитичарите, на светско ниво веројатно има доволно бакар под земја, но новите рудници и проширувањето на постојните не напредуваат доволно брзо за да го компензираат намалениот принос од постојните наоѓалишта.
„Тешкотиите со кои се соочува рударството во зголемувањето на производството се главната тема во еден многу, многу тесен пазар. Веќе се намалуваат проценките во постојните рудници. Станува збор за истрошени, многу стари наоѓалишта и недостаток на развој на нови ископи за снабдувања на пазарот“, изјави Еви Хамбро, глобален раководител за тематски и секторски инвестиции во BlackRock Inc., во интервју за Bloomberg.
Се очекува намалувањето на концентратот на бакар во ископаната руда да ги зголеми трошоците за производство, а рециклирањето да не биде доволно за да го компензира понискиот принос од примарните извори. Од друга страна, високата електрична спроводливост и издржливоста на бакарот отежнуваат тој да биде заменет со други метали.
Ваквата состојба со критичните суровини, каков што е и бакарот, која силно ќе влијае на економиите, а со тоа и на националната безбедност, го крена црвениот аларм во Германија. Канцеларот Фридрих Мерц, минатата недела на самит за енергетика, посочи дека Европа мора да создаде залихи од критични суровини за да ја намали зависноста од земјите што доминираат во нивното ископување и преработка.
„Без критични суровини не би имало батерии, ниту електрични мотори со високи перформанси, ниту современи полупроводници, а ниту многу други технологии од кои ќе зависат нашите економии во иднина. Државите мора да помогнат во диверзификацијата на изворите на снабдување, да го зајакнат рециклирањето и циркуларната економија – ова е многу конкретен предлог што го изнесувам – Брисел да создаде залихи, на европско ниво“, истакна Мерц.
Како што потсети Ројтерс, Европската Унија, заедно со другите големи западни економии, во значителна мера зависи од Кина за критични минерали и компоненти, како што се батериите и ретките земни елементи, кои се користат во одбраната, воздухопловство и вселенска индустрија, автомобилската индустрија и обновливите извори на енергија.