Во Белград започна средбата меѓу Вучиќ и Лајчак

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград се сретна со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Ова е прва посета на Лајчак на Белград годинава, а последен пат во главниот град беше во ноември минатата година.

Лајчак доаѓа во Белград три дена пред најавениот почеток на имплементацијата на регулативата на централната банка во Приштина, според која еврото би било единственото средство за извршување на готовински платежни трансакции во Косово.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави дека по денешната посета на Белград, Лајчак утре ќе остане во Приштина и дека тоа е дел од „постојаниот контакт и интеракција на Лајчак со партнерите за да им помогне да напредуваат во дијалогот“.

Вучиќ и Лајчак последен пат се сретнаа на 17 јануари во Давос, а претседателот на Србија тогаш изјави дека предупредил оти Приштина го доведува во прашање сето она што досега е постигнато во нормализацијата на односите.

Вучиќ посочи дека најавата на Приштина дека ќе ги откаже платежните трансакции со Србија е обид за откажување на дијалогот меѓу Белград и Приштина и обид за прогон на српскиот народ од Косово и Метохија и дека се надева дека меѓународната заедница нема да го дозволи тоа.

Лајчак во Давос изјави дека го информирал Брисел за намерата на Приштина да ги откаже платежните трансакции со Србија и изразил уверување дека ќе се најде решение кое нема да има негативни последици.

Амбасадите на земјите-членки на Квинте во Приштина вчера ја повикаа Приштина да го прекине спроведувањето на регулативата на централната банка за да се овозможи доволно долг транзициски период и изјавија дека регулативата предизвикува загриженост за влијанието, особено врз заедниците со српско мнозинство.