ПО нередите на новогодишната ноќ, кога само во Берлин во целни пиротехнички напади беа повредени 33 полицајци и пожарникари, во понеделникот се разгоре расправата за забраната за продажба на пиротехнички средства во Германија.
„Мислам дека треба повторно да разговараме за забраната на пиротехниката, не само во Берлин, туку и во целата земја“, рече сенаторот (министерот) за култура на градот и сојузната покраина Берлин Клаус Ледерер (лево).
Тој смета дека проширувањето на зоните каде што е забрането приватно користење на пиротехнички средства, како што предложи градоначалничката на Берлин, Франциска Гифи (Социјалдемократската партија на Германија), нема да доведе до посакуваните резултати, туку дополнително ќе ја оптоварува работата на полицијата.
На новогодишната ноќ во Берлин се забележани бројни напади врз пожарникари и полицајци, во кои се повредени 33 лица.
Поголемиот дел од нападите се во населбата каде што живеат голем број имигранти
Во многу делови од градот насилници ги нападнале полицајците и пожарникарите кои се обиделе да интервенираат поради пожари или поплаки од граѓаните за насилничко однесување. Како епицентар на нападите врз полицијата и пожарникарите се наведува квартот Нојкелн, дом на голем број имигранти, главно од арапските земји.
Претседателот на Берлин на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Каи Вегенер се противи на забраната за продажба на пиротехнички средства и се залага за построги казни за бунтовниците. „Ова не е проблем на пиротехниката, туку социјален проблем“, рече Вегнер, кој зборува и за „целосен недостаток на почит кон претставниците на државата“.
Синдикатот на пожарникарите бара и поставување камери во сите противпожарни возила за документирање на нападите. Во исто време, потребна е поконзистентна примена на законот и казнување на сторителите, наместо прекин на постапките во повеќето пријави за напади врз пожарникари. Годинава, по двегодишна забрана поради пандемијата, повторно беше дозволена продажба на пиротехнички производи.