Балкан

Во БиХ запленети 40 килограми канабис кои пристигнале преку пристаништето Плоче

Во БиХ запленети 40 килограми канабис кои пристигнале преку пристаништето Плоче

Полицијата во Босна и Херцеговина запленила 40 килограми дрога која во земјата пристигнала преку пристаништето во Плоче, а операцијата е спроведена во соработка со Министерството за внатрешни работи на Хрватска, потврдија од Државната агенција за истраги и заштита на БиХ (SIPA).

Полициската рација, во која е запленета дрогата, е спроведена во вторник по налог на Судот на БиХ, а уапсени се девет лица.

Претреси и апсења биле извршени во Чапљина, Кнежево, Теслиќ, Лакташи, Бања Лука, Зворник и на подрачјето на дистриктот Брчко.

При претрес на станбени и помошни објекти и подвижни предмети, полициските службеници на SIPA откриле и привремено одзеле 40 килограми опојна дрога Cannabis Sativa L, која од пристаништето Плоче, Република Хрватска, во Босна и Херцеговина била пренесена во товарно возило што го користело едно од уапсените лица, појаснија од SIPA.

И покрај тоа што во акцијата биле вклучени повеќе полициски агенции од БиХ, од SIPA истакнаа дека ова е уште еден пример на успешна прекугранична соработка во сузбивање на криминалот.

„Оваа акција претставува уште еден пример на ефикасна регионална полициска соработка и партнерство со полициските органи за спроведување на законот од Република Хрватска во борбата против транснационалниот организиран криминал“, наведоа тие.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни