Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, оствари средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на која разговарале за очекувањата првата меѓувладина конференција да се одржи пред крајот на оваа година.
Од двата кабинета потврдуваат дека на средбата станало збор за ЕУ реформите и заложбите на македонската влада за нивно реализирање.
Во Брисел во тек се преговори на техничко ниво за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија.
Од кабинетот на вицепремиерот велат дека периодот што следи е „суштински“ за европската иднина на Северна Македонија и дека Владата е решена да покаже „нагласена политичка заложба“ за исполнување и спроведување на потребните реформи.
Од кабинетот на еврокомесарот Вархеји за кусо објаснија дека се разговарало за „следните чекори до зелено светло за пристапни преговори“, што ја подразбира преговарачката рамка.
Станало збор и за долгонајавуваниот Економски и инвестициски план на Европската Комисија за западниот Балкан.
Овој нов план треба да биде објавен во текот на оваа есен, неговата цел е да ги зајакне и поддржи стратешките инвестиции во целиот регион, пред сѐ во однос на инфраструктурата.
.
