Во француско село триесетина жители користат еден заеднички автомобил

Во француското село Пон-де-Баре, со околу 300 жители, група од триесетина соседи воведе необичен, но ефикасен модел на заедничка мобилност – еден автомобил што го користи целото маало. Наместо секое домаќинство да поседува сопствено возило, жителите заеднички користат стар „Citroën ZX“, кој од приватна сопственост прераснал во заеднички ресурс.

Иницијативата функционира без поддршка од компании или дигитални платформи и се темели исклучиво на доверба и солидарност меѓу соседите. Секој корисник плаќа по 25 центи за изминат километар, а средствата се наменети само за покривање на трошоците за гориво и одржување. Нема месечни членарини, ниту пак систем за претходни резервации.

Клучевите од автомобилот се чуваат во локалниот бар, кој со текот на времето станал неформален центар на оваа заедничка иницијатива. Жителите велат дека ваквиот начин на организирање не само што ги намалил личните трошоци и загадувањето, туку придонел и за поголема блискост и зајакнување на меѓусебните односи во заедницата.

Примерот од Пон-де-Баре покажува дека одржливата мобилност не мора секогаш да подразбира скапи и технолошки сложени решенија. Понекогаш, велат жителите, доволни се добра идеја, заемна доверба и поинаков пристап кон користењето на автомобилите.