Украинската воздушна одбрана собори 13 беспилотни летала по серијата руски напади врз Киев и неговата околина утринава, објави АФП, цитирајќи видео обраќање на претседателот Володимир Зеленски.
„Терористите го започнаа денот со 13 Шахеди“, рече Зеленски, користејќи го името за беспилотни летала камикази од Иран. „Според прелиминарните информации, вкупниот број на соборени дронови од нашата противвоздушна одбрана е 13“, додаде тој.
Киев беше нападнат од „два брана“ беспилотни летала, изјави шефот на градската воена управа Сергеј Попко. Според него, во нападите нема жртви. Две административни згради во квартот Шевченко во Киев се оштетени од урнатини од соборениот камиказе дрон, објави администрацијата претходно денеска во Телеграм, цитирана од Укринформ.
Првичните информации на агенцијата беа дека 10 дронови од моделот Шахед, кои според Киев и Западот ги користат руските војници, биле соборени во регионот на главниот град.
Воздушната тревога објавена утринава во Киев е откажана по неколку часа, јави ДПА.
Округот Шевченко се наоѓа во централниот дел на Киев. Има претпријатија од градежната индустрија и 71 високопродуктивно индустриско претпријатие, забележува ТАСС во информациите на оваа тема.