Македонија

Во моментов на територијата на Скопје нема посериозни пожари и натаму има лажни пријави за пожари

„Вчерашниот ден беше исклучително тежок ден за екипите на Пожарна Скопје, кои имаа 22 интервенции на територијата на Скопје. Најголем дел од интервенциите беа за запалена трева, а поголем пожар се случи во фабриката ОХИС. Сите пожари се изгаснати, а на локациите се интервенираше со повеќе возила и пожарникари“, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Во моментов на територијата на Скопје нема посериозни пожари.

„За жал, треба да се напомене дека во време кога низ целата земја се соочуваме со голем број на пожари, кои нанесуваат голема материјална штета, како и непроценлива штета на флората и на фауната, а имаме и човечки жртви, во текот на вчерашниот ден имавме и 7 лажни пријави на пожари“, додава Шилегов.

„Апелирам сите граѓани во овие тешки времиња да се однесуваат одговорно и да не го злоупотребуваат телефонскиот број 193, бидејќи во случаи со пожар секоја секунда е важна и истата може да загрози или да спаси нечиј живот“, додава Шилегов.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни