Балкан

Во Србија 53 случаи на Западен Нил, 49 со невроинвазивна форма

Во Србија 53 случаи на Западен Нил, 49 со невроинвазивна форма

Вирусот на Западен Нил продолжува да се регистрира во Србија, каде што од почетокот на сезоната се потврдени 53 случаи на заболување. Од нив, 49 се со невроинвазивна форма, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“.

Податоците се однесуваат на периодот од 1 јуни до 27 септември 2026 година, а случаите се регистрирани во 11 окрузи.

Најголем број заболени има во Белград, каде што се евидентирани 20 случаи. Следуваат Јужнобачкиот округ со девет и Шумадискиот округ со шест случаи.

Меѓу регистрираните заболени има 32 мажи и 21 жена, а просечната возраст изнесува 65,1 година.

Треската од Западен Нил е сезонско заболување кое се пренесува преку убод од заразен комарец. Како главен преносител се наведува комарецот „Culex pipiens“, кој е присутен и на територијата на Србија. Сезоната на пренос вообичаено трае од јуни до ноември.

Од „Батут“ препорачуваат граѓаните да преземаат мерки за заштита од убоди од комарци. Меѓу препораките се употреба на репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици, како и избегнување престој на отворено во самрак и во раните утрински часови, кога активноста на комарците е најголема.

Се препорачува и поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите, како и редовно отстранување на застоена вода од саксии, садови, канти, буриња и други места погодни за размножување на комарците.

Според податоците за Европа, од почетокот на сезоната на пренос во 2026 година до 23 септември биле идентификувани 175 подрачја погодени од вирусот на Западен Нил во 14 европски земји.

Здравствените власти апелираат лицата кај кои ќе се појават симптоми што може да укажуваат на невроинвазивна форма на инфекцијата навремено да побараат медицинска помош.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни