Балкан

Во Србија консултации на партиите пред конституирањето на Собранието и изборот на прв спикер и за новата Влада

Во Србија консултации на партиите пред конституирањето на Собранието и изборот на прв спикер и за новата Влада

Во Србија се одржуваат консултации на изборните листи за одржување на конститутивна седница на Собранието во понеделник на 1 август, а партиите ги разгледуваат можностите за коалиции и предлог кандидатите за идниот претседател и потпретседатели на собранието, но и за мандатарот и составот на идната српска влада.

Во Собранието на Србија продолжија консултациите на претседателот на Собранието Ивица Дачиќ со претставниците на изборните листи кои влегоа во Собранието за конститутивната седница што ќе се одржи во понеделник на 1 август, а опозицијата настапи со идејата за зголемување на бројот на потпретседатели, како и да ѝ се дадат три потпретседателски места, меѓу кои Демократската странка (ДС) веќе го предложи својот лидер, Зоран Лутовац не едно од тие места.

И додека медиумите шпекулираат за местото прв спикер на собранието дека ќе и припадне на досегашната премиерка Ана Брнабиќ, членот на Претседателството на Српската напредна странка (СНС) Горан Весиќ изјави дека на утрешната седница на Претседателството на таа партија ќе разговараат за кандидатите за претседател на Собранието и за другите парламентарни тела.

-Тука спаѓаат претседателот и потпретседателите на собранието, работните тела, генералниот секретар на собранието, рече Весиќ и додаде дека по конституирањето на собранието во понеделник, претседателот на Србија Александар Вучиќ и СНС ќе предложат мандатар кој ќе направи консултации со потенцијалните членови на владата.

Весиќ порача дека е сосема извесно дека СНС ќе формира влада, бидејќи таа партија на изборите освоила 120 пратенички мандати.

-Со нашиот традиционален коалициски партнер СВМ (Сојузот на унгарците во Војводина) имаме вкупно 127 пратеници, што е доволно мнозинство за формирање влада, рече Весиќ и додаде дека СНС на консултациите го известила претседателот Александар Вучиќ дека има до 160 пратеници, што значи удобно мнозинство за формирање влада.

Тој додаде дека кога ќе биде назначен мандатарот, ќе се знае со кого уште СНС ќе влезе во коалиција.

Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, денеска изјави дека сè уште е рано да се зборува за кадровски решенија за идната влада и дека договорот со претседателот на Србија Александар Вучиќ е дека претседателот на српското собрание треба да биде од Српската напредна партија (СНС).

-Тоа ќе се реши утре. Во секој случај, од понеделник, првпат од 2008 година, нема што да работам. До сега секогаш сум бил министер или премиер, а од понеделник ќе бидам само шеф на пратеничката група на СПС, кажа Дачиќ, демантирајќи ги медиумите дека ќе биде нов министер за внатрешни работи.

-Во принцип, разговаравме со претседателот Вучиќ, но не споменавме конкретни имиња, ова ќе биде тема на идните средби, а сега позитивно ја оценивме досегашната десетгодишна соработка и оценивме дека е во интерес на Србија таа да продолжи, рече Дачиќ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни