Свет

Во викендичката на Бајден не биле пронајдени доверливи документи

Во викендичката на Бајден не биле пронајдени доверливи документи

Американското Министерство за правда не најде доверливи документи во викендицата на претседателот Џо Бајден во Рехобот, Делавер, но некои материјали беа земени за дополнителна анализа, рече адвокатот на Бајден, Боб Бауер.

Потрагата траела три и пол часа

Трииполчасовната утринска потрага од агентите на ФБИ е продолжување на истрагата за ракувањето со доверливи документи од страна на Бајден. Претходно, во неговиот дом во Вилмингтон, Делавер и во канцеларијата во Вашингтон беа пронајдени материјали кои ги користел за време на потпретседателскиот мандат во администрацијата на Барак Обама, до претседателските избори.

„Не беа пронајдени доверливи документи. Согласно процесот на Вилмингтон, Министерството за правда однесе на понатамошно разгледување некои материјали и писмени пораки поврзани со неговото време како потпретседател“, рече адвокатот Бауер.

Изворот потврди дека истрагата ја водела ФБИ, кое е дел од Министерството за правда. Истрагата му предизвика политичка главоболка на Бајден, кој во наредните недели или месеци треба да објави дека се кандидира за нов претседателски мандат.

Во домот на Трамп биле пронајдени и доверливи документи

Претседателот и неговата Демократска партија останаа без оружје против поранешниот претседател, републиканецот Доналд Трамп, во чиј дом беа пронајдени и доверливи документи.

Трамп не сакаше да ги врати документите што ги поседува, поради што ФБИ минатата година го пребара неговиот имот на Флорида. Трамп ја најави својата претседателска кампања и би можел да се соочи со Бајден на изборите во 2024 година.

Јавниот обвинител Мерик Гарланд назначи двајца одделни истражители да го истражат начинот на кој Трамп и Бајден се справуваат со доверливите документи, имајќи предвид дека и двајцата најавуваат учество на претседателските избори.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни