Џемаил Салиjи, возач на „Дурмо турс“, во текот на неговото сведочење призна дека на левата страна на автобусот, кој се преврте на 13 февруари годинава, имало вградено копче за манипулација со тахографите за брзината на движењето. На прашањата на обвинителот Јакимовски, Салиjи рече дека компанијата не водела евиденции, туку возачите биле 3-ца во група за оваа линија, дека самите го организирале работното време и паузи.
Салиjи додаде дека без знаење на одговорниот Ремзи Мифтари, не смеело ништо да се направи или вгради во автобусите.
Музафер Зибери беше првиот сведок кој стигнал на местото на несреќата. Тој објасни дека неговиот дом е 100 метри од местото каде се случи сообраќајната несреќа. Од неговиот двор видел дека автобусот се превртел. Зибери рече дека глетката била страшна и дека многу од патниците побарале помош, а меѓу нив бил и возачот на автобусот.
Во автобуската несреќа кај Ласкарци попладнето на 13 февруари годинава загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени. Во случајот се обвинети Дурмиш Белули, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Мануил Трифуновски за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед за соучество во истото дело.