Само еден ден по шокантниот вооружен напад во училиште во округот Сиверек, нова трагедија ја потресе Турција. Овојпат, пукање се случи во средното училиште „Ајсер Чалик“ во Кахраманмараш, при што има загинати и голем број повредени.
Според официјалните информации, во нападот животот го загубиле еден наставник и три ученици, додека најмалку 20 лица се повредени. Од нив, четворица се во тешка здравствена состојба и се подложени на хируршки интервенции.
Гувернерот Мукеррем Унлуер изјави дека станува збор за вооружен напад со засега неутврдени мотиви.
„Настанот е многу свеж. Во едно наше училиште се случи тажен инцидент. Имаме информации за повредени лица и работиме на темелна истрага“, рече Унлуер.
Според првичните сознанија, напаѓачот бил ученик од осмо одделение во истото училиште. Тој влегол во две училници со ученици од петто одделение и отворил оган. Подоцна, како што информираа надлежните, тој најверојатно си го одзел животот за време на инцидентот.
Се претпоставува дека оружјето го зел од својот татко, поранешен полицаец.
По нападот, во градот пристигнаа високи државни функционери, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи, министерот за образование Јусуф Текин и министерот за здравство Кемал Мемишоглу.
Министерот за правда Акин Ѓурлек соопшти дека е отворена обемна истрага, во која се вклучени седум обвинители, како и дека е воведена забрана за објавување информации со цел да не се попречи истрагата.
На терен се ангажирани и осум инспектори од Министерството за внатрешни работи, кои работат на целосно расветлување на случајот.
Веднаш по веста, родителите во паника се упатија кон училиштето барајќи информации за своите деца, додека безбедносните сили воспоставија засилено присуство околу објектот.
Гувернерот Унлуер нагласи дека станува збор за изолиран инцидент и апелираше да не се шират непроверени информации на социјалните мрежи.
Надлежните институции ги повикаа медиумите да ја почитуваат забраната за известување додека трае истрагата, најавувајќи дека сите официјални информации ќе бидат соопштувани навремено.
Kahramanmaraş Ayser Çalık Ortaokulu’nda yaşanan silahlı saldırıda öğrenciler okul camlarından atlayarak hayatta kalmaya çalıştılar.#kahramanmaraş pic.twitter.com/5SLTcwKQig
— Sol Yumruk (@Sol_Yumrukk) April 15, 2026
