Вработена во Централниот регистар повеќе од три години земала државна плата, но на работа не доаѓала. Работни задачи извршувала во политичка партија во партиско седиште во Скопје. Наредбата за додавање на платен список ја издал директорот Андреја Поповски, против кој е поднесена кривична пријава. Обвинителството за него бараше притвор, но од Кривичен суд попладнево го одбија барањето и одредија само мерки на претпазливост за екс директорот и останатите ќетири лица кои се осомничени за истиот случај.
„Првоосомничениот во својство на вршител на должноста директор на Централниот регистар, со пречекорување на границите на своето службено овластување, усно наредил една вработена да биде евидентирана како редовно присутна на работа во месечните листи кои ги изготвувало Одделението за човечки ресурси, иако бил свесен дека цело време вработената воопшто нема да доаѓа на работа, туку ќе биде ангажирана за партиски активности на една политичка партија“, велат од Основното јавно обвинителство.
Истрагата ја започнала Финансиската полиција, од каде денеска за ТВ21 потврдија дека наредбите биле доставувани до Одделението за финансиско-сметководствени работи и врз основа на тоа и била исплаќана плата и придонеси, со што била нанесена штета на буџетот на институцијата.
„Лицето М.К.Д вработена со редовен работен однос како Референт за регистрација во Регионалната регистрациона канцеларија Скопје при Централниот регистар редовно и се исплатувала плата, без истата воопшто да доаѓа на работа. Се стекнала со протиправна имотна корист од 1.169.120 денари“, велат од Финансиската полиција.
Иако поминаа повеќе од две години од смената на Власта, сè уште се откриваат вакви случаеви. Неколку месеци откако СДСМ застана на чело на државата беа објавени фрапантни податоци дека до 2015 година имало околу 600 вработени кои земале плата, но не работеле. Тогаш од Владата рекоа дека со тоа е оштетен буџетот за 824 илјади евра и дека таа бројка ја намалиле на околу 60 вработени.
Ова не е единствен случај. Изминатата година во Агенцијата за храна и ветеринарство имало вработени 4 лица кои не доаѓале на работа со што го оштетиле буџетот за 1 милион денари. Слична е приказната за Општина Карпош, ЈП Водовод и канализација каде имало фиктивни вработувања од Пустец, а оваа година беа откриени 40 лица вработени во Општина Чашка кои земале плата, без работни активности.
Според последните информации од статистика, во државата има 1700 службеници кои се во држава служба според рамковниот и земаат плата, а немаат работно место. Во изминатите три години во пензија отишле 850 службеници кои се заменети и надополнети со нови, но нема податок што точно работат тие.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ