Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) вечерва биле затекнати при кражба на значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Кражбата била откриена од внатрешната контрола на претпријатието, по што веднаш била повикана полицијата.
Ѓорѓиевски најави дека инволвираните вработени ќе бидат отстранети од работа, а очекува и постапување од страна на Обвинителството.
„Вработените ќе бидат отстранети од работа, а очекувам Обвинителството да отвори постапка и секој за кого ќе се утврди одговорност да одговара пред законот“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Тој оцени дека ваквите случаи се показател за долгогодишното системско уништување на градот и злоупотребата на јавните ресурси.
„Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома. Моја обврска е да го чувам секој ваш денар. Кој и да посегне по него, ќе биде санкциониран. Без исклучок!“, порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата во градските претпријатија.
Засега не е соопштено колку вработени биле затекнати, ниту за колкаво количество нафта станува збор.