Коалицијата „Вреди“ се подготвува за крупна внатрешна трансформација, најавувајќи дека од 9 мај официјално ќе дејствува како единствен политички субјект. Новата партиска структура ќе ја предводат Изет Меџити и Билал Касами како копретседатели, додека Беким Сали е предвиден за генерален секретар. Организациската поставеност ќе вклучува пет потсекретаријати, со што ќе се обезбеди еднаква застапеност на сите досегашни конституенти во коалицијата.
Одлуката за обединување доаѓа со јасна амбиција за преземање на приматот во албанскиот политички блок. Од таму предвидуваат дека по формализацијата на партијата, политичката сцена ќе се сведе на два главни столба – „Вреди“ и ДУИ. Иако вратите се затворени за раководството на интегративците, од коалицијата отворено упатија покана до поширокото членство и пониските ешалони на ДУИ, верувајќи дека новиот концепт ќе ги привлече и оние гласачи кои претходно биле скептични за опстојувањето на коалицискиот сојуз.
Паралелно со внатрешното преструктурирање, политичкиот субјект најавува и активна улога во извршната власт преку претстојната владина реконструкција, која ќе се спроведува согласно утврдените програмски цели. Во контекст на изборните реформи, од „Вреди“ го реафирмираа ставот за воведување отворени листи како модел што ќе ја зголеми демократската контрола, додека кон идејата за една изборна единица настапуваат со претпазливост, посочувајќи дека за ова прашање допрва ќе се дебатира и покрај видливата политичка волја кај останатите чинители.
